Нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“ нема да се повлече од македонскиот пазар, а најавеното оптимизирање на летовите на овој авиопревозник за Лондон и Барселона е од комерцијални причини, смета директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Горан Јандреоски.
На денешната седница на Комисијата за транспорт и врски на која беше усвоен извештајот за работењето на АЦВ за минататата година поголемиот дел од дебатата беше фокусиран на најавата за откажување на летовите, поништениот тендер за субвенционирање евтини авиолинии и претстојниот за кој Владата донесе нова уредба со изменети критериуми.
- „Виз ер“ нема да се повлече од македонскиот пазар и нема таква најава. Последното откажување на летовите за Лондон и Бареселона е од комерцијални причини, рече Јандреоски, во одговор на прашање од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Благоја Деспотовски кој упати критики за откажување на летовите.
Според Јандреоски, линијата за Лондон нема да биде целосно укината како што моментно е ставена на статус кво линијата за Варшава.
- Авиокомпаниите, во случајов „Виз ер“, многу претпазиво работат на истражување на пазарот и капацитетите и не значи дека ќе се повлечат целосно, тоа им го покажуваат анализите кои се направени во моментов. До оваа фаза од мое професионално гледише со 15 години искуство во авијацијата не верувам дека ќе се откажат. Министерството денеска донесе уредба и се оди во насока на привлекување нискобуџетни авиокомпании. Не е само Виз ер, има интерес и од Рајанер и Изи Џет, меѓутоа тоа е постапка која ја води Министерството. Секогаш има поддршка од Агенцијата и сигурен сум дека граѓаните ќе ги уживаат бенефитите уште долго време. „Виз ер“ не случајно паркирал четири авиони на нашиот аеродорм, наведе Јандресоки.
Од авиокомпанијата Лот, како што рече, не го откажале целосно летот за Варшава и оттаму може да го активираат се уште нивното одобрение зависно од економските анализи, додека укинувањето на линијата за Барселона е за зимскиот ред на летање.
Пратеникот од СДСМ Хари Локвенец во одговор на критиките од Деспотовски нагласи дека Владата максимално го поддржува и продолжува проектот за субвенционирање нискобуџетни компании, како интерес за сите граѓани. Тоа, истакна, опозоицијата во ниту еден момент не треба да се користи и злоупотребува за политички поени. Раскинувањето на тендерот беше заради непочитување на формалниот карактер на пропишаните услови за аплицирање.
Во образложението на Извештајот Јандресоки рече дека фокусот во 2017 година бил на подобрување на капацитетите и едукација на персоналот во АЦВ со оглед на идентификуваните слабости, но оти поради законските одредби за одобрување на вработвањата од Министерството за администрација не можат да ги пополнат капацитетите.
АЦВ моментно има потреба од 12 вработувања од стручни области и оти за тоа е неопходна поддршка од надлежните институции.
Јандреодски рече дека се обидуваат домашниот персонал од цивилното воздухопловство кој е надвор од Македонија да го привлече да ги одржува своите дозволи согласно македонските закони бидејќи се соочуваат со проблеми во препознавање на дозволите во други држави. Тоа, наведе, овозможува на други пилоти да заземат работни позиции на наши пилоти. Се усогласиле со „Виз ер“ и во нивните авиони покрај пилотите од други националности летаат и двајца македонски пилоти и тројца копилоти.
Според Јандреоски, вкупните приходи на АЦВ лани во однос на 2016 годона биле зголемени за 32,2 проценти, од кои од воздухопловна навигација за 17,6 проценти.
Пратеникот Горан Милевски од ЛДП, пак, изрази сомнеж за финансиското работење на АЦВ и побара дополнителни материјали за трошењата за расправа на пленарна седница.
Јандреоски во одговор, меѓу останатото, посочи дека остварената нето добивка на АЦВ лани изнесувала 28.318.411 денари. Средствата доаѓаат преку Еуроконтрол, а трошењата на парите е транспарентно, рече директорот на АЦВ дополнувајќи дека бројката од 980 прелети за 24 часа над македонското небо се темели на капацитетите, знаењето и одговорноста на кадарот во Контрола на летање, Министерство за транспорт и врски и сите во АЦВ кои имаат обврска да вршат надзор.
Милевски се интересираше и за безбедноста на воздухопловите, меѓу кои и за тие со кои се изврши запрашувањето за комарци, а на што Јандреоски одговори дека стои зад секој одобрен лет и оти авионите што се користеле се исправни.
Членовите на Комисијата прифатија Извештајот на АЦВ да се дополни со образложението што оваа агенција го доставува до Централниот регистар за забелешките што ги добива од ревизијата за запишување на капиталот. По барањето на пратеникот на СДСМ Диме Велковски, Јандреоски достави допис од Централниот регистар дека не постои законска основа за впишување на капиталот на правно лице регистрирано како Агенција за цивилно воздухопловство, проблем со кој се соочувале и други институции.