Менаџерот на Арсенал, Унаи Емери, призна дека од почетокот на сезоната, неговиот тим страдал од неможноста да ги контролира настаните на теренот. Тоа е причината зошто шпанскиот стратег е решен да ја прекине серијата од два последователни порази во претстојното лондонско дерби против Вест Хем. Дуелот од третото коло на Премиер лигата е в сабота (25-ти август) од 16 часот. Досега, „топџиите“ изгубија од Манчестер Сити со 0:2 и 2:3 при својата посета кај Челзи. - Мојата идеја е базирана на контрола. Зборувам за контрола во текот на играта, но противникот го сака истото. Знам дека ни е потребен интензитет во секој момент од дуелите. Контролата мора да се базира на тоа да не му дозволиш на ривалот да си ја врши својата работа, да ја игра неговата игра, изјави Баскиецот на пресот пред мечот. Тој смета дека мечот против „чеканите“ ќе биде различен во тактички поглед. Токму тука новиот тренер на Арсенал доби најмногу критики. - Веќе ги слушнавме првите посериозни критики за стилот кој го наметнувам и кој, според многумина, е многу претпазлив. Сакаме да напаѓаме и да бележиме голови. Можеби можеме да го направиме тоа со директен долг пас или со напредување со повеќе додавања, контрола, посед на топката. Можеме да бележиме добро изработени голови, како оние против Челзи, и можеме да го направиме тоа со помалку пасови. За мене, најважно е сите играчи да бидат свесни кој е најдобриот начин за напад во секој натпревар, додаде Емери. Вест Хем, исто така, ги загуби првите два лигашки натпревари за сезоната 2018/2019. Тимот од Лондон одигра 0:4 против Ливерпул, а потоа загуби дома со 1:2 од Борнемут.