Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во денешниот телефонски разговор со државниот секретар на САД Мајк Помпео оценил дека „деструктивниот" пристап на Вашингтон кон Москва им штети на обете земји, соопшти прес-службата на руското Министерство за надворешни работи.
Лавров повикал да запре „прогонот" против руската државјанка Марија Бутина, која е задржана во САД под сомнение дека дејствувала како руски агент. Рускиот министер ги споменал и Константин Јарошенко и Виктор Бут, кои отслужуваат казни во американски затвори за дрога, односно за трговија со оружје.
По барање на Помпео, Лавров ја појаснил ситуацијата околу украинскиот режисер Олег Сенцов кој е во руски затвор со 20-годишна затворска казна под обвинение за тероризам.
Во соопштението од руското МНР се наведува дека двајцата највисоки дипломати, исто така, разговарале и за ситуацијата во Сирија и распоредот за идните билатерални контакти.