Државниот секретар на САД Мајк Помпео го назначи Стивен Биган, потпретседател на автомобилската компанија Форд, за свој специјален претставник за Северна Кореја. Следната недела, двајцата ќе отпатуваат во Пјонгјанг.
- Стив ќе ја раководи американската политика кон Северна Кореја и ќе ги координира напорите за исполнување на зацртаната од претседателот (Доналд) Трамп цел за конечно и целосно потврдено нуклеарно разоружување на Северна Кореја, како што беше договорено со (севернокорејскиот лидер) Ким Џонг-ун, рече Помпео, цитиран од Ројтерс.
Досега Биган беше потпретседател, задолжен за односите со странски влади, во корпорацијата Форд. Тој беше вработен во Белата куќа и помошник на советничката за национална безбедност Кондолиза Рајс за време на владеењето на претседателот Џорџ Буш. Биган беше советник и на поранешниот шеф на пратеничката група на Републиканците во Сенатот (во периодот 2003-2007) Бил Фрист.
Помпео не прецизираше кога точно ќе ја посети Северна Кореја следната недела. Тоа ќе му биде четврта посета во затворената комунистичка земја оваа година и втора по историската средба меѓу Трамп и Ким Џонг-ун на 12 јуни во Сингапур.