Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска во Тбилиси дека се уште не одлучила кого да номинира за следен претседател на Европската централна банка (ЕЦБ), и додаде дека разговорите за тоа прашање само што започнале.

- Дискусиите за персонални решенија, кои треба да бидат донесени во врска со изборите на нов Европски парламент, во моментов полека почнуваа", рече Меркел на прес-конференција во грузиската престолнина, каде е во посета.

На заедничката прес-конференција со германската канцеларка, грузискиот премиер Мамука Бахтаѕе рече дека посетата на Меркел ја крева на повисоко ниво билатералната соработка.

- Германија е силен поддржувач на суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во меѓународно признатите граници и на процесот на европска и евроатланска интеграција на земјата, истакна тој.

Меркел соопшти дека претставници на Германија и Грузија ќе потпишат документи за соработка во вредност 390 милиони евра, пренесува БТА. Соработката опфаќа градежништво, складишта за гас, помош за водоснабдување и канализација, додаде таа.

Подоцна денеска, германската канцеларка, чие пристигнување во Тбилиси беше пренесувано во живо на неколку телевизиски канали, ќе се сретне и со претседателот еорги Маргвелашвили. За утре е закажана средба на Меркел со раководители на опозициски партии, студенти и професори од Универзитетот во Тбилиси.

Подоцна, во текот на утрешниот ден, Меркел ќе замине во посета на ерменската престолнина Ереван.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2018 20:32