Земјоделството бара сериозен труд и работа и затоа има негативна репутација особено кај младите луѓе. Владата на Република Македонија сериозно презема мерки да создаде можности за нови земјоделски бизниси и задржување на младите луѓе во руралните средини, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски во обраќањето на министерската конференција „Руралните подрачја и земјоделството како можност за млади луѓе” што се одржува во рамки на меѓународниот саем за храна и земјоделство „Агра“ во Словенија.

Николовски во Словенија ја претставува Македонија која годинава е земја-партнер на „Агра“.

- Неодамна поддржавме 424 млади фармери за да го иницираме нивниот бизнис. Почнувајќи од минатата година, ја зголемивме финансиската поддршка за четири пати во споредба со претходниот износ и моментно имаме четири милиони евра годишно. Младите луѓе се нашето национално богатство со непроценлива вредност, особено кога станува збор за одржлив развој на руралните средини, а ако ги изгубиме, невозможно е да се очекува нивно враќање, истакна министерот Николовски.

Македонија, додаде, ги поддржува младите фармери со дополнителни 10 отсто од основната директна исплата во периодот од првите пет години на производство.

- Обезбедуваме поддршка за почнување нови земјоделски бизниси на млади земјоделци со 100 отсто финансирање на трошоците, како и нов инструмент на поддршка на интегрален инвестициски проект кој ги вклучува сите неопходни инвестициски мерки за преминување на земјоделските стопанства во повисока развојна категорија со поголеми производни капацитети. Висината на поддршката е 90 отсто за преминување од мали стопанства во втора целна категорија и 70 отсто за преминување од втора во прва целна категорија, нагласи министерот.

Во фокусот на „Агра“ годинава се младите земјоделци и нивното вклучување во агро-бизнисот.

На конференцијата „Руралните подрачја и земјоделството како можност за млади луѓе”, покрај министри учествуваа и млади земјоделци од различни земји. Тие презентираа свои успешни бизниси и искуства во земјоделството. Македонија ја претстави млад пчелар кој произведува различни видови мед.

Во рамки на министерската конференција ќе се одржи и дискусија меѓу министрите и младите земјоделци на две теми: какви мерки се потребни за создавање поволни услови за работа на младите фармери и какви се искуствата околу дигитализација на земјоделството.

Се очекува министрите да усвојат заедничка декларација во која дел од политиките се дигитализација на земјоделството, мерки кои ќе го направат земјоделството поатрактивно, создавање услови за работа на младите земјоделци, спречување на миграцијата на младите земјоделци,...

Официјалното отворање на 56. „Агра“ е утре, а Македонија првпат е земја-партнер. На посебен штанд ќе бидат претставени традиционалните македонски вредности при производството на храна и вино, вредностите на културното богатство, но и можностите за инвестиции.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2018 16:13