Министерствата за одбрана и специјалните служби на Турција и на Русија ќе продолжат да работат на намалување на насилствата во Сирија и воспоставување на мир и стабилност во регионот, изјави денеска шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу по средбата со рускиот колега Сергеј Лавров во Москва.

Тој додаде дека Анкара набрзо ќе побара формирање на Комисија за подготовка на нов Устав на Сирија и набрзо турска делегација ќе се сретне во Женева со специјалниот претставник на генералниот секретар на Обединети нации за Сирија, Стафан де Мистура.

- Неопходно е во најбрзо време да почнеме да работиме на формирање на уставотворна комисија, посочи Чавушоглу.

Турскиот министер за надворешни работи посочи и дека воената операција во Идлиб за елиминација на терористите може да предизвика бегалски бран и да ја поткопа довербата во Анкара и во Москва (за Сирија).

Чавушоглу заедно со министерот за одбрана Хулуси Акар имаа средба и со рускиот претседател Владимир Путин. На средбата присуствуваше и директорот на турската Национална разузнавачка организација Хакан Фидан, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и специјалниот претставник на Путин за Сирија, Александар Лаврентиев.

- Односите помеѓу Русија и Турција добиваат се подлабок карактер како во економската сфера, така и во решавањето на надворешнополитичките прашања, наведе Путин.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2018 17:16