Ајвар, лутеница, традиционално овчо сирење и јагне, органска храна и флаширано вино, се дел од производите што ќе ги промовира Македонија на Меѓународниот саем „Агра 2018“ во Горна Радгона, Република Словенија.

Македонија годинава е земја-партнер, поради што има централно место на саемот, со штанд од 140 метри квадратни. Во фокусот на македонската промоција ќе бидат и туризмот, како и можностите за инвестирање.

Саемот официјално почнува денеска и ќе трае до 30 август. Најавено е учество на преку 1.800 изложувачи од 36 држави на вкупно 71.300 метри квадратни површина. Настанот ќе го следат повеќе од 200 новинари.

Во фокусот на годинашната „Агра“ ќе бидат младите фармери, нивното вклучување во агро бизнисот, иновациите, дигитализацијата, паметните ИТ решенија, современата механизација и одржливоста на производството. Меѓу клучните теми ќе биде и пчеларството.

Саемот ќе понуди и изложби на добиток, конференции, предавања и тркалезни маси. Се планира одржување на преку 150 деловни, стручни, професионални, натпреварувачки забавни настани.

Проценката е дека „Агра 2018“ ќе привлече околу 120.000 посетители.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2018 10:46