Со растот на платите компаниите бараат начини, но и државна поддршка за унапредување на процесите. Годинава за прв пат е предвидена сериозна поддршка за домашните компании од државниот Буџет, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.
Овие средства, вели Тевдовски, доаѓаат од граѓаните и компаниите кои уредно ги плаќаат своите даноци.
- Фискалната транспарентност веќе дава резултати. Институциите се должни да обезбедат фер однос и неселективно работење. Во таа насока е подобрен и повратот на ДДВ кон компаниите. Првите седум месеци од оваа година извршен е поврат на ДДВ на фирмите од 12,7 милијарди денари (206,4 милиони евра). Тоа е за 24% повеќе од истиот период лани. Годинава по овој основ се инјектирани 2,5 милијарди денари (40 милиони евра) повеќе во стопанството од минатата година, информира Тевдовски во интервју за неделникот Капитал.
Есенва на малите и средни претпријатија ќе им бидат ставени на располагање и 100 милиони евра евтини кредити од Европската инвестициска банка.
Со ова, вели министерот за финансии, ќе се обезбеди свеж капитал за малите и средни претпријатија, ќе се поддржат нови проекти, нови вработувања и ќе се зголеми ликвидноста во стопанството.