Македонија минатата година произведе 705 илјади хектолитри пиво, наведува Државниот завод за статистика. Од него најмногу пиво се извезе во Косово, додека, изнанадувачки, најмногу се увезе од Романија.
Во Европската Унија во 2017 година се произведени над 41 милијарда литри пиво, покажуваат податоците на Еуростат, што е за 2,5 милијарди литри повеќе во однос на 2016 година. Расчленето, ова производство на пиво во ЕУ, покажува дека секој жител на Унијата испил по речиси 81 литар.
Дополнително, во ЕУ се произведени околу 900 милиони литри или два отсто безалкохолно пиво, односно пиво со помалку од 0,5 проценти алкохол или без алкохол.
Германија - најголем производител на пиво во ЕУ
Две третини од производството на пиво во ЕУ доаѓа од шест земји членки. Германија е најголем производител на пиво во 2017 година со 8,1 милијарди литри или 20 проценти од вкупната продукција во ЕУ. Со други зборови, секое петто пиво во ЕУ е произведено во Германија. По Германија следи Велика Британија со 5,6 милијарди литри производство (14 проценти), Полска четири милијарди литри (10 проценти), Холандија 3,9 милијарди литри (девет проценти), Шпанија 3,6 милијарди литри (девет проценти) и Белгија со 2,4 милијарди литри (шест проценти).
Споредено со 2016 година, Холандија бележи најголем раст, од 48 отсто, на производството на пиво. Втора е Велика Британија со раст од 14 проценти и Португалија со 11 проценти. За споредба производството на пиво во Грција е намалено за девет проценти, во Словачка за пет проценти и во Бугарија и Литванија по четири проценти.
Во регионот најголем производител на пиво минатата година беше Србија со произведени 541 милион литри пиво, по што следи Бугарија со 485 милиони литри пиво, Грција со 384 милиони литри, Хрватска со 333 милиони литри, Босна и Херцеговина со 93,6 милиони литри и Црна Гора со 37,7 милони литри пиво.
Спред податоците на Државниот завод за статистика во Македонија минатата година произведени се 705 илјади хекто литри пиво. Производството на пиво на годишно ниво во земјата бележи континуиран раст, од 621 илјада хекто литри во 2013 година, на 641 илјада хекто литри во 2014 година, 642 илјади хекто литри во 2015 година, на 672 илјади хекто литри пиво во 2016 година.
На територија на Македонија има пет регистрирани пиварници и тоа Пивара Скопје, Прилепска Пиварница, Битолска Пиварница, Кожувчанка Кавадарци и Горска.
Македонија најмногу пиво извезува во Косово, а увезува од Романија
Минатата година од Македонија извезени се осум милиони и 61 илјада килограми пиво, а увезени се седум милиони и 307 илјади килограми пиво.
Најмногу пиво минатата година е извезено во Косово, односно три милиони и 292 илјади килограми пиво во шишиња и еден милион и 223 илјади килограми пиво во амбалажа до 10 литри. Следува Албанија со извезени 989 илјади килограми пиво во шишиња и 175 илјади килограми пиво во амбалажа до 10 литри и Австралија со извезени 108 илјади килограми пиво во шишиња.
Интересно е дека во Србија извезени се само 101 илјада килограми пиво во шишиња, додека пиво во амбалажа од над десет литри се извезени еден милион и 974 илјади килограми пиво.
Според податоците од Макстат базата, во 2013 година во Македонија вкупниот извоз на пиво во килограми изнесува седум милиони и 704 илјади, додека увозот изнесува осум милиони и 499 илјади, во 2014 година извезени се седум милиони и 119 илјади, а увезени шест милиони и 26 илјади килограми пиво. Во 2015 година извезени се седум милиони и 996 илјади, а увезени шест милиони и 310 илјади килограми. Во 2016 година извозот е зголемен на седум милиони 391 илјада, а увезени шест милиони 131 илјада.
Најмногу пиво минатата година е увезено од Романија, од каде во земјата влегле еден милион и 807 илјади килограми пиво, потоа 551 илјада од Полска и 385 илјади килограми пиво од Бугарија.
Според податоците од Макстат базата, најмногу пиво во шишиања во 2016 година од Македонија е извезено во Косово, каде се извезени три милиони и 293 илјади килограми, потоа следи Албанија со 960 илјади и Австралија со 121 илјада килограми, додека најмногу пиво е увезено од Романија еден милион и 502 илјади, 509 илјади од Бугарија и 389 илјади од Полска.
ЕУ: Холандија најголем извезувач, а најмногу се увезува од Мексико
Холандија има извезено 1,9 милијарди литри пиво во 2017 година. Со тоа е најголем извозник на пиво во ЕУ, пред Белгија и Германија, двете со по 1,6 милијарди литри пиво, по што следи Франција со 0,7 милијарди литри и Велика Британија со 0,6 милијарди литри пиво.
САД се најголем увозник за европските пива, каде 1,1 милијарда литри пиво од ЕУ се извезени во 2017 години, или 31 отсто од целокупниот извоз на пиво од ЕУ. Следи Кина со 520 милиони литри (15 проценти), Канада со 210 милиони литри (шест отсто), Кореја со 175 милиони литри (пет проценти), Русија со 138 милиони литри (четири проценти), Швајцарција со 111 милиони литри ( три проценти), Австралија со 100 милиони литри (три проценти) и Тајван со 95 милиони литри (три проценти).
Пазарот на пиво произведено надвор од ЕУ е незначително, сепак, најмногу пиво увезено од земји надвор од ЕУ има од Мексико со 211 милиони литри или 52 проценти од целосниот увоз на пиво во 2017 година во ЕУ. Следи пивото од Србија со 48 милиони литри и 12 проценти, пивото од САД со 39 милиони литри, Белорусија со 23 милиони литри (6 проценти), Кина со 16 милиони литри ( четири проценти), Украина со 11 милиони литри (три проценти), Русија ос 10 милиони литри (три проценти).
Според податоците на големите интернационални производители на пиво за продажбата во светот во 2017 година, најмногу пиво по глава на жител консумираат Чесите, со 137 литри по човек годишно, по што следат Полска и Германија со 98 и 96 литри.
Македонците во 2017 година имаат испиено по 28,8 литри пиво по глава на жител. Во регионот меѓу поголемите уживатели на пиво се Хрватите со 81 литар, Словенците со 76,5 литри и Бугарите со 75,5 литри пиво годишно.
Микропивари или крафт-пиварници
На глобално ниво бројот на пиварници во 2016 година изнесува над 19 илјади, според истражувањето на Алтеч, од кои 17.732 или 94 проценти се дефинирани како крафт-пиварници или мини пивари. Глобален лидер по бројот на крафт пивари се САД со 4.750 микро пивари во 2016 година, додека во Европа се Велика Британија со 1.655 и Германија со 1.295 микро пивари.
Крафт пиварниците во САД се дефинираат како мали, самостојни и традиционални. Тоа подразбира пиварници со годишно производство под пет милиони литри, со користење на состојки и суровини кои се традиционални или иновативни и каде 75 проценти од компанијата се контролирани од главниот сопственик на пиварницата.
Во Европа крафт пиварници се пиварници кои произведуваат не повеќе од еден-два милиона литри пиво годишно и кои имаат еден сопственик, кој најчесто е и самиот основач. Користат традиционален или оригинален начин на производство на пиво со акцент на квалитетот и вкусот.
Првaта домашно-занаетчиска крафт пивара во Македонија е „Темов“, и е отворена во 2009 година.
Минатата година во Скопје се одржа собир на домашни производители на пиво, каде се претставија околу десетина љубители со повеќе видови домашно произведено пиво.
Александар Атанасов