Голманот и капитен на Тотенхем, Иго Лорис, упати јавно извинување до семејството, соиграчите, управата и навивачите на клубот, откако вчера беше приведен поради возење во алкохолизирана состојба.

- Да се вози во алкохолизирана состојба е во целост неприфатливо. Ја преземам сета одговорност за оваа постапка и нагласувам дека тоа беше непримерно. Ве молам да ми простите, истакна Лорис.

Тој во петокот рано утрото бил запрен при рутинска контрола и не го поминал тестот за алкохол, а потоа бил пренесен во полициска станица, од каде подоцна му било дозволено да си замине со кауција.

Од локалната полиција информираа дека поради прекршокот Лорис мора да се појави на 11-ти септември на суд во Лондон.

Воедно од клубот соопштија дека ќе преземат соодветни мерки за овој случај, а голманот би можел да биде суспендиран најмалку два натпревари и да му биде одземена капитенската лента.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2018 13:30