Српскиот тренер Синиша Михајловиќ официјално поднесе тужба против Спортинг до Судот за спортска арбитаража во Лозана, откако клубот од Лисабон му врачи отказ по само неколку дена од потпишувањето на тригодишниот договор.

Михајловиќ потпиша договор со тогашниот претседател Бруно де Карваљо, но по само неколку дена тој беше сменет од функцијата, а новото раководство предводено од Соуса Цинтра ја поништи одлуката со образложение дека тренерот бил на пробен период.

- Сакам да ги разјаснам различните гласини. Со Спортинг потпишав тригодишен договор на 18 јуни и тој требаше да почне од први јули. Неколку дена подоцна претседателот на клубот Бруно де Карваљо беше сменет и новата управа на 27 јуни со образложение дека не сум го поминал пробниот период го раскина мојот договор. Тоа не е праведно бидеќи договорот не беше ни почнат, а јас во тој период се наоѓав на одмор во Сардинија, се наведува во соопштението на Михајловиќ.

Тој согласно договорот со Спортинг требаше да заработи шест милиони евра за три сезони.

Михајловиќ досега во кариерата беше тренер на Болоња, Катанија, Фиорентина, Сампдорија, Милан и Торино. Тој беше и селектор на српската репрезентација, а без ангажман е од јануари кога доби отказ во Торино.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/08/2018 16:34