Последниот музички хит на Аријана Гранде, „God is a Woman“ (Бог е жена), ги наполни социјалните мрежи со позитивни реакции на феминистките, кои веќе го прогласуваат синглот за најмоќната женска химна.

Но, гледајќи наназад низ историјата на теологијата, ова не е ништо ново, па ваквите еуфорични реакции во 2018 година се по малку и изненадувачки.

Секако, во многу култури, да се сугерира дека Бог е жена, веќе долго време е ерес... Но, доколку се вратиме на почетокот на човештвото, женските божества биле присутни во многу делови од светот, пред да се појават денешните светски религии. Многу од древните религии се засноваат токму на мајката божица.

Во својата книга од 1976. „Кога Бог е жена“, историчарката Мерлин Стоун ги наоѓа почетоците на ваквите верувања во палеолитот и неолитот, на Блискиот Исток. Антрополозите пак, сметаат дека многу првобитни општествени заедници биле матрилинеарни, што значи дека жените имале доминантна улога во домаќинството, па тоа се одразило и во религиите, коишто исто така, ја ставале жената на врховна позиција.

Покрај Блискиот Исток, фигури на женски божества се најдени и во Европа и во Индија, а некои се стари и 25.000 години. Но, таа уметност зема замав дури во неолитот. Нашата неолитска „Голема Мајка“ најдена во скопско Говрлево, на пример, е стара 8.000 години.

Слични статуи се најдени и во Египет, Крит, Грција, Етиопија, Либија, Индија, Вавилон, Анадолија, Ирска, Месопотамија, Јудеја, Израел...

Нашите предци имале многу божици, но мизогинијата довела до тоа - во 2. милениум пред Христа, тој тренд речиси да исчезне. Многу научници тврдат дека „машките религии“ и патрилинеарноста ја вовеле индоевропејските народи.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 12:40