Претседателот на Ваљадолид, Карлос Суарез, истакна дека неговиот клуб ќе ја прифати казната, која може да му биде изречена за состојбата на теренот на натпреварот со Барселона.
Тревата на стадионот „Хозе Сориља“ била поставена само четири дена пред саботниот натпревар и од почетокот беше забележливо дека теренот е во исклучително лоша состојба.
За теренот на натпреварот реагираа и играчите, но и стручниот штаб на Барселона, а од Ла Лига потврдија дека ќе покренат постапка за овој случај против Ваљадолид.
- Мислевме дека состојбата на теренот ќе биде подобра и дека нема да се распаѓа толку многу. Тоа беше наша одговорност и ако за тоа ни биде изречена казна ќе биде заслужена. Кога поставувате трева, дури и ако е квалитетна, ова може да ви се случи. Имавме кратко време да го средиме теренот и мислевме дека ќе бидеме подготвени навреме, истакна Суарез.
И покрај реакциите за теренот, Барселона оствари победа од 0:1 на гостувањето кај Ваљадолид.