Владата ќе обезбеди дополнителна субвенција од еден денар за килограм предадено грозје за сортите вранец и смедеревка.

Како што соопшти владината прес-служба, на овој начин ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти. Одлуката ќе биде донесена на следната владина седница.

Освен оваа дополнителна субвенција, со цел создавање рентабилно производство, Владата ќе обезбеди финансиски средства за Здружението на лозари, за да можат да обезбедат дополнителни контроли на мерењето на шеќерните единици, а се со цел да нема манипулации и да бидат сигурни во проценките од страна на винариите, се додава во соопштението.

Дополнително, со годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од 1 до 10 хектари лозје, ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување на насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм.

Со цел да се слушнат сите предлози на лозарите и на винариите и да се обезбедат услови за непречен откуп по рентабилни цени, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство уште неколку месеци пред почетокот на бербата на годинешното грозје одржа повеќе состаноци со двете страни, се вели во соопштението.

Минатата недела, премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, одржаа средба со лозарите во Кавадарци, со цел да се видат проблемите со кои се соочуваат лозарите и состојбата на терен.

На средбата беше констатирано дека освен откупните цени за лозарите претставува проблем и начинот на мерење на шеќерните единици. По состанокот се направија дополнителни консултации и анализи од страна на ПВРМ и ЗПВРМ, а во координација со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

При тоа, анализите покажаа дека помалите винарски визби кои извезуваат наливно вино ја имаат зголемено откупната цена.

Конкретно, грозјето кое што лани се откупувало по 12 денари за килограм во готово, а 13 денари за килограм на одложено, оваа година се откупува по 13 денари во готово, а 14 денари за килограм на одложено.

Констатирано е дека кај винарската визба Тиквеш има разлики во ланскиот и годинешниот ценовник за мерење на шеќерни единици. Кај сортите кои се произведуваат во помали количини како темјаника, ризлинг, шардоне и други, зголемувањето на цената е за 30 отсто, од што лозарите се задоволни.

Со цел покривање на дисбалансот во цените, Владата одлучи да им помогне на лозарите што имаат смедеревка и вранец со дополнителна субвенција од еден денари за килограм предадено грозје, се додава во соопштението.

Со ова се потврдува заложбата на Владата на РМ за развој на лозарството и винарството како извозно ориентирани гранки, но и за обезбедување на достојна егзистенција на земјоделците кои се занимаваат со производство на грозје.

МЗШВ континуирано ќе го следи откупот на грозјето, со цел да се гарантира непречен откуп.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/08/2018 18:56