Ако патот ве носи кон Крива Паланка, во кој било ден или доба од годината, неодминлива дестинација за уживање во благодатите на раскошната природа, во пазувите на столетната дабова шума на Осоговската Планина е вековното духовно светилиште, манастирскиот комплекс свети Јоаким Осоговски.

Лоциран е на околу два километри од центарот на Крива Паланка, а до него водат два асфалтирани патни правци, едниот постар и не многу стрмен, другиот нов, со блага угорница, но од каде и да тргнете, одмориштата со видиковци од каде ќе ја набљудувате панорамата на градот се попатни станици, а оттука, до манастирот - ќе ве води „звукот на тишината“, кој е еднаков на оној со кој капката утринска роса се слизнува од оросените планински цвеќа во близина.

-Историјата на манастирот започнува со доаѓањето на свети Јоаким Осоговски овде, на овие простори, и како што се вели во неговото житие: „Дојде како ѕвезда, многу светла, од запад, кон исток“. Животот го поминал во бдение, пост и молитва, а се упокоил во 1105-та година, а педесет години по неговата смрт, еден свештеник по име Теофан, воден од светиот дух дошол од Овче Поле за да ги извади моштите и ги наоѓа моштите. Тој, воедно, е и градител на малата црква сега посветена на Рождество на Пресвета Богородица, раскажа отец Александар Смиљков, архиерејски намесник на Кривопаланечкото архиерејско намесништво.

Подоцна, откако се појавила потреба за изградба на поголема манастирска црква, Хаџи-Стефан Белички, богат трговец од Крива Паланка, дошол и започнал со изградба на големата манастирска црква посветена на свети Јоаким.

- Манастирот е граден во периодот 1847 до 1851 година. Моштите на светецот се зачувани тука, а истите, како што споменавме, ги пронашол монахот Теофан и биле положени во саркофаг, каде и ден денс се наоѓаат, додава отец Смиљков.

Бројни верници од сите краишта на Македонија, Балканот, Европа и светот, доаѓаат во посета на манастирскиот комплекс, што е духовен рај, а моштите на светецот Јоаким Осоговски се место каде некои од верниците одлучуваат и по малку да преспијат, верувајќи дека им носи благослов, благодат и мир.

Не ретко, оние што слушнале за чудотворните мошти на светецот, од преданијата, до ден денес, но и сите оние со цврста и силна верба во Бога, доаѓаат во манастирот да донесат дарови, молејќи се за здравје и излекување од болести. Еден од нив е и Дојчин Спасовски, кој случајно го сретнавме при посетата на манастирот.

-Дојдов пред празникот Успение на Пресвета Богородица, да се помолам за здравје на мојата сопруга, болна е, моите ќерки, пак, се уште немаат пород, па се молам на светиите, носам дарови, за да ми ги услишаат молитвите, вели чичко Дојчин.

А низ целата година, река посетители се слева во манастирот, од Соединетите Американски Држави, преку оние од Бразил, Финска, Шведска, Шпанија, Франција, Словенија, Холандија.

Некои се восхитуваат на природата и благодатите, други на сакралноста на секој камен вѕидан во конаците, црквите, во портите и капиите, во ѕидините, трети-едноставно го впиваат секој атом кислород на воздухот што има неверојатна, благопријатна свежина на 800 метри надморска височина.

Во кругот на манастирот се наоѓа и хотел „Манастир“, со кој раководи епархијата, а истиот располага со капацитет од 96 легла, распоредени во повеќе едно, две и повеќекреветни соби, различни по големина, но со иста убавина-поглед над манастирот. Посетителите можат покрај природата и духовноста, да уживаат и во вкусните специјалитети и традиционални рецепти, се до десерти и пијалоци до поднебјето на Крива Паланка и Кривопаланечко кои се служат овде, а не ретко, многумина се одлучуваат тука да ги прослават најзначајните моменти од нивниот живот, свадби, крштевки, родендени.

Во екот на празнувањата што претстојат, големиот празник Успение на Пресвета Богородица и 29-ти август, чествување на споменот на Јоаким Осоговски, речиси и да нема слободно место во хотелот.

Одговорните велат, така е во текот на целата година, без оглед на годишното време и период, едноставно, постојано се вгостуваат и испраќат туристи.

- Изминитите десетина месеци бројот на гости што минале во нашито хотел се речиси десет илјади, а сите, едногласно, заминуваат со полно срце и душа, со слики и спомени за раскажување, велат од управата на хотел „Манастир“.

Еден од повпечатливите примери е оној на младиот американски студент Рејмонд Франсоа, кој импресиониран од убавините што ги доживеал во местото, во Крива Паланка, кај домаќинот волонтерот Кајл Бутчер и фамилијата Ристовски, кај гостопримливите соработници од кошаркарскиот клуб „Крива Паланка“ и семејството Белешковски, решил да го истетовира знамето на Република Македонија на својата рака.

Манастирот е особено свечен, во предвечерјето на празнувањата на големите 28-ми и 29-ти август.

- Се е подготвено за големиот црковно-народен собир на 28-ми вечерта, кога за сите посетители, верници и добронамерници ќе биде отворен и стариот манастирски конак, каде ќе се служат вечера и појадок. По литургијата на 28-ми ќе биде осветена и обновената костурница под камбанаријата во склоп на манастирот. Ова е костурница во која се положени над двесте мошти од монасите од постоењето на манастирот до денес, рече митрополитот кумановско-осоговски, г. Јосиф.

Вели, ова е единствена костирница од ваков тип во Македонија, која има собрано толку многу мошти од монаси, од различни периоди.

- Моштите се извадени до дупка на длабочина од 7,5 до 10 метри длабочина, есхумирани се и положени во обновената костурница, која е и ново-фрескоживописана. Истите се добро сочувани, бидејќи во дупката беа поместени под карпа, каде земјата беше сува и не биле подложни на атмосферски влијанија. Покрај мошти, пронајдени се и други материјали, разни крстови, богослужбени предмети и друго, кои се делумно сочувани во првобитната форма, додава владиката г.Јосиф.

Рече дека на секоја задушница ќе се служи панихида во костурницата.

Инаку, манастирот е единствен во државата кој има и свое противпожарно возило, а го опслужуваат пожарникари од Територијална противпожарна единица, Крива Паланка.

Исто така, манастирот располага и со сопствена механизација за одржување на околните локации и патните правци во текот на годината.

На денот на патрон-светецот на манастирот, св.Јоаким Осоговски, 29-ти август, со светата Божествена литургија ќе богослужи архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение со митрополитото кумановско-осоговски г.Јосиф, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф и епископот хераклејски Климент. Ако се уште не сте одлучиле каде ќе го поминете празничниот ден, или каде ќе минете денови за одмор, макар и со викенд патување, не пропуштајте да бидете и вие дел од оние кои не штедат зборови во пренесување на сопственото позитивно искуство поминато овде, во парчето рај на земјата, на македонско, Кривопаланечко тло, на битот од каде се започнува, вербата во Бога и љубовта, кон природата и човештвото.

Ирена Димитровска



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2018 11:13