Масовни репресии и бројни нарушување на човековите права се нотирани во најновиот извештај на ОН, подготвен по четиримесечните безредија во Никарагва.

Во Извештајот на Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права при ОН се повикува претседателот на Никарагва Даниел Ортега, веднаш да го прекине прогонот на демонстрантите и да ги разоружа маскираните цивили кои ги спроведуваат повеќето убиства и произволни апсења.

Повеќе од 300 лица загинаа, а 2000 се повредени во насилствата во анти-владините протести, кои започнаа кон средината на април во таа централноамериканскат држава. Извештајот ги опишува нелегалните апсења, тортура и затворени судски процеси. Лекари, научници и судии се отпуштени откако се обиделе да зборуваат за кршење на човековите права или да повикуваат на протести. Покрај тоа, властите во Никарагва се обиделе да му попречат на тимот на ОН, и не им бил дозволен пристап до важни владини институции или судски простории.

Во Извештајот се истакнува дека Советот за човекови права при ОН, кој ќе заседава следниот месец, би требало да почне меѓународна истрага за да се спречи влошување на ситуацијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2018 13:13