Тезгаџиите ги поздравуват најновите подзаконски акти за регулирање на зелените пазари, но сметаат дека тие ќе бидат поволни за нив само ако вкупните давачки останат максимум 2.000 денари, како што е сега предвидено.

Повеќето тезгаџии се запознаени дека ќе мора да имаат легитимации ако сакаат да продаваат на пазар, но не знаат кога треба да ги извадат и од кога почнува нивната примена.

Од Комората на трговци информираат дека издавањето на легитимациите ќе почне наскоро, а нивната употреба најверојатно ќе стартува од 2019 година.

- Ако се во прашање 2.000 денари, нема да имаме проблем со легитимациите и секој од нас ќе извади, но ако давачките од време-на време се зголемуваат и достигнат 6.000 - 7.000 денари, сигурно ќе има проблеми и сите ќе се откажат, вели Нехат Ајредини кој има тезга и продава на Бит пазар.

Според Сали Мамер, исто така, тезгаџија на Бит пазар, воведувањето легитимации за пазарџиите е добро решение.

- Порано имавме постојано средби со Комората на пазарџии, сега не толку често. За легитимациите сме информирани, но не знаеме од кога ќе се воведуваат, истакнува Мамер.

Тезгаџиите денеска ги посети министерот за економија Крешник Бектеши кој претходно одржа средба со претседателот на Комората на трговци Екрем Долек во Друштвото на пазарџии.

Бектеши информира дека подзаконските акти на Законот за зелените пазари се усвоени и ќе бидат објавени во Службен весник.

- Со ова практично имаме вин - вин - вин ситуација. Ќе добијат трговците чиј долгогодишен проблем ќе се реши, ќе добие Владата со намалување на нелојалната конкуренција, но ќе добијат и граѓаните преку уште подобар квалитет на производит и сигурност, потенцира министерот.

Долек оцени дека новиот Закон за зелените пазари е многу добар, евтин и лесен за примена. Со него се решава голем проблем кој бил извор на нелојална конкуренција и сива економија три децении. Изминативе 30 години, напомена Долек, секој работел како што знаел и умеел и не бил подложен на плаќање давачки, па природно е сега да се очекуваат реакции и извесно незадоволство.

- Се случува голема работа од осамостојувањето на Македонија. Проблемот наречен пазар имаше нерешен статус и секој работеше на своја глава. Тоа беше извор на нелојална конкуренција и сива економија. Очекувам во многу брза иднина сите овие негативни појави да бидат минато, да се подобрат услугите кон граѓаните и да се нудат поквалитетни производи, напомена Долек.

Во врска со легитимациите, дополни дека кога на тезгаџиите добро ќе им се објасни што значи тоа, а што фискализација, тие сигурно со големо задоволство ќе ги прифатат.

- За фискализација, освен купување посебна каса, се плаќаа и уште најмалку 600 евра годишно за сметководство. Плус, придонеси за гарантиран личен доход од минимум 5.000 денари. Сега, цената на легитимациите иако не е уште одредена, ќе биде минимална. Тоа го гарантирам, и ќе биде донесена во согласност со пазарџиите, посочи Долек, додавајќи дека целта на ваквото решение не е некој да се збогати, туку конечно да се решат проблемите и системот да функционира.

За нелегалните продавачи надвор од пазарите, тој е дециден дека инспекциските служби со новиот Закон ќе мора да делуваат и нема да имаат никакво оправдание за евентуално нереализираната обврска.

Законот за зелените пазари стапи во сила пред неколку месеци, но неопходни беа подзаконски акти за допрецизирање на одредбите со цел негова ефикасна примена во пракса. Законот, според Долек, базира на барањата на тезгаџиите од 2005 и 2006 година, а за неговото донесување биле потребни само добра волја и реално согледување на состојбите.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2018 13:45