Од година во година се помал е бројот на првачиња во општина Маврово и Ростуше. За учебната 2018/2019 година во четирите деветолетки запишани се вкупно 52 првачиња или за десеттина помалку споредено со минатата учебна година. Поради непријавување на ниту едно дете подрачното училиште во селото Видуше се затвора.

- Во нашата општина функционираат четири основни општински училишта, во кои прват во ученичка клупа ќе седнат 52 ученика. Од вкупниот број најмногу првачиња или 21 има во ООУ „Блаже Конески“ во село Скудриње, од кои 16 во училиштето, три во подрачното училишта во селата Присојница и две во Аџиевци, изјави Илбер Имероски, одговорен во секторот за образование во општината

Според него, во ООУ „Ѓорѓи Пулески“ во Ростуше запишани се вкупно 19 првачиња, од нив 10 во училиштето во Ростуше, седум во подрачното училиште во Требиште и по едно прваче во Велебрдо и Јанче.

- Во рамки на ООУ„Јосип Броз-Тито“ во Жировница, до минатата учебна година функционираа три подрачни училишта, но од новата учебна година се затвора подрачното училиште во село Видуше, каде двете дечиња кои требаше да бидат првачиња заминаа за Италија, заедно со родителите. Инаку, во рамки на деветолетката се запишани девет првачиња. Од нив во Жиривница пет, каде наствата се изведува на македонски наставен јазик, како и во селото Врбјани три и во Сенце едно на албански наставен јазик, изјави директорот Анес Ахмети.

Во ООУ „Денче Дејаноски“ во Маврови Анови запишани се три првачиња, по едно во училиштата во Маврово и Врбен на македонски и во Дуф на албански настевен јазик.

Намалувањето на бројот на првачињата, но и на учениците во целина во оваа општина е поради масовната миграција на жителите, пред се во западно европските земји, а дел и во Гостивар и Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2018 15:06