Рускиот заменик министер за надворешни работи Михаил Богданов денеска ја негираше веста дека во јуни дошло до средба меѓу високи разузнавачки офицери на САД и Сирија, јави новинската агенција ТАСС.
- Ние немаме таква информација. Сметам дека тоа се, како и обично, лажни вести, изјави Богданов на средба со новинари, прашан за тврдењето на либанскиот весник „Ал Ахбар“ за наводната средба. Според веста во либанскиот весник, американската делегација допатувала во Дамаск во јуни и имала средби со сириски претставници.
Русија е главен безбедносен заштитник на сириските власти, додека САД повеќе години беше на став дека нејзина цел е смена на претседателот Башар ал Асад. Веста доаѓа во време на повторно зголемени тензии, кога сириската армија и нејзините руски и ирански сојузници се подготвуваат за офанзива врз бунтовничката област Идлиб, додека западните земји предупредија на опасноста од нови хемиски напади врз бунтовниците и најавија дека на тоа ќе одговорат со сила.