Екипата на Црвена ѕвезда избори пласман во Лигата на шампионите, откако синоќа на гостувањето во Австрија кај Салцбург одигра нерешено 2:2. Првиот дуел од плејофот за елитното натпреварување одигран во Белград заврши исто така нерешено 0:0, па поради правилото повеќе голови во гости, српскиот првак оди понатаму.

За поранешниот европски шампион ова е прво историско учество откога ЛШ се игра во овој формат, а е изборено по пет неуспешни обиди почнувајќи од сезоната 1991/92.

Со пласманот во елитата, белграѓани автоматски од УЕФА заработија 15,2 милиони евра, плус ќе добијат финансиски средства за секој освоен бод во групите.

Салцбург кој водеше со 2:0 до 65.минута, пропушти голема шанса да игра во групната фаза од ЛШ и ќе треба да се задоволи со пласманот во Лига Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 10:10