Македонското здружение за заштита при работа, во соработка со Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на Синдикатите на Македонија, викендов во Охрид го одржува вториот циклус обуки на обучувачи/ментори за организациски развој на темите: проектен циклус и застапување и лобирање.

Обуките на обучувачи/ментори се наменети за претставници на Македонското здружение за заштита при работа, Сојузот на синдикати на Македонија, Конфедерацијата на слободни синдикати, Организацијата на работодавачи на Македонија, Македонското здружение по медицина на труд и Стопанска интересна заедница на заштитни друштва во Македонија.

Учесниците на обуките ќе се стекнат со особено значајни вештини и знаења, кои како идни обучувачи/ментори ќе треба да ги пренесат во нивните матични организации, како и во останатите сродни организации. Тие ќе се стекнат со експертиза за процесите при креирање политики и процедурите за успешен организациски развој. Исто така, ќе имаат влијание врз зајакнувањето на мрежните и комуникациските канали меѓу граѓанските организации, Советот за БЗР и владините институции, при спроведувањето реформи за безбедноста и здравјето при работа.

Самите теми на обуките се темелат врз претходно имплементираната активност, за организациска проценка на потребите на граѓанските организации кои се членови на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа.

Инаку, станува збор за активност спроведена во рамки на проектот насочен кон подобрување на вклученоста и влијанието на граѓанското општество во јавните политики за безбедност и здравје при работа и при донесувањето одлуки како подршка на државата во процесите на пристапување кон ЕУ.

Главната цел на проектот е да се подобри вклученоста и да се зајакне влијанието на организациите на граѓанското општество во спроведувањето на клучните реформи во безбедноста и здравјето при работа, како и дијалогот и партнерството со регионалните граѓански организации од ИПА регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 10:27