Северна Кореја мора да се денуклеаризира пред каква било декларација за крај на Корејската војна, соопшти Стејт департментот.
- Цениме дека мора да дојде до денуклеаризација пред да се ангажираме во други области, изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт. На новинарско прашање дали тие „други области“ се однесуваат и на крајот на војната, Нојерт рече „да“.
Дел од експертската јавност наведува дека севернокорејската влада повеќе би сакала вистински мировен договор отколку едноставна објава.
Преговорите за „целосна денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров", на што се обврза севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун на средбата со претседателот на САД Доналд Трамп во Сингапур на 12 јуни, отидоа во ќорсокак.
Трамп во петокот, во последен момент, го откажа патувањето на државниот секретар Мајк Помпео во Северна Кореја, и така, по првпат јавно призна дека нема напредок во преговорите.