Земјите од Западен Балкан за ЕУ се претвораат ​​во партнери за прашања на безбедноста, додека порано тие беа разгледувани само како жариште на нестабилност, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедност Федерика Могерини при пристигнувањето на втората работна седница на дводневниот неформален состанок на министрите за одбрана на ЕУ во Виена.

Могерини, исто така, рече дека „заедно со НАТО се разгледува како да се продлабочи соработката за безбедносните прашања во регионот“.

Австрија, која во моментов претседава со Советот на ЕУ, ги покани министрите за одбрана на земјите од Западен Балкан на 26 септември во Грац, за да разговараат за безбедносната ситуација во регионот, соопшти австрискиот министер за одбрана Марио Кунасек. Според него, на вчерашната седница на европските министри за одбрана биле разгледани конкретни мерки за зајакнување на безбедноста во Западен Балкан.

- За мене претставува особено задоволство што изразивме подготвеност да најдеме свој стратешки формат за дијалогот со овие земји, да зборуваме со нив, а не за нив, коментирал Кунасек.

Во виена денеска и утре се одржува и неформален состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ, на кој се поканети и првите дипломати на земјите кандидати - Македонија, Србија, Црна Гора, Турција и Албанија.

- Европската унија нема да биде целосна се додека земјите од Западен Балкан не станат членки, рекла Могерини вчера.

Таа истакнала дека во интерес на Унијата е да ја остави вратата отворена и додала дека австриското претседателство со Советот на ЕУ ја поддржува политиката на Брисел кон Западен Балкан.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 12:01