Вработените во основното и средното образование во октомври, со исплата на септемвриската плата ќе го добијат зголемувањето за пет проценти. Одлуката ја донесе вчера Владата, а денеска во насока на реализација на ова зголемување на платите Министерството за образование и наука и Самостојниот синдикат на образование, наука и култура на Република Македонија потпиша Меморандум за соработка.

- И овој пат како што ги исполнивме ветувањата за зголемување на платите на вработените во градинките и јавното здравство, остваруваме уште едно ветување за подобар животен стандард на нашите граѓани. Ова е само еден дел од грижата за стандардот на вработените во образованието. Квалитетно образование е наша стратешка определба, а мотивирани наставници се неопходен фактор за остварување на оваа определба, рече премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на потпишување на Меморандумот во Владата помеѓу министерот за образование Арбер Адеми и претседателот на СОНК Јаким Неделковски.

Според него, сигурно ова зголемување од пет проценти не ги исполнува очекувањата на наставниците, но е добар почеток и тој го охрабрува продолжувањето на дијалогот за натамошно зголемување на платите.

Заев изрази уверување дека МОН нема да отстапи од реализацијата на неопходните реформи за модерен концепт на образование соодветен на нашите потреби, можности, но кои ќе ги почитува европските стандарди.

За оваа намена во Буџетот за годинава се одвоени 145 милиони денари во буџетот за исплата на платите во последниот квартал од годинава, а за наредната година се планираат 580 милиони денари.

Со меморандумот, покрај предвиденото зголемување, се утврдува и најниската плата во основните училишта на 12.714 денари и во средните на 13.117 денари.

Според министерот Адеми денешното потпишување на Меморандумот е значаен чекор кон подобрување на статусот на наставниците и оти ќе се продолжи со разговори за тој да се подобри.

- Ние може на хартија да ги подготвиме и најдобрите образовни реформи, да ги креираме најквалитетните наставни програми и учебници, но свесни сме дека имплементацијата нема да го даде најдобриот ефект доколку наставниците не ни бидат сојузници. Правиме максимални напори наставниците да продолжат да бидат клучен партнер во креирањето и спроведувањето на образовните политики, рече минситерот Адеми.

Тој најави дека и реформите во образованието мора да продолжат.

- Сакаме да ги најдеме најдобрите решенија. Сите реформи што беа направени се дискутираат и она што го ветивме ќе биде остварено, појасни министерот.

Одлуката за зголемување на платите ја поздрави претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој изрази очекување дека во наредниот период владата ќе посвети поголемо внимание на образованието каде платите се најниски во однос на целиот јавен сектор.

Тој побара да продолжи зголемувањето на платите, но да се опфатат и вработените во високото образование, кои не се дел од денешниот Меморандум.

Порача да се изнајде решение и во иднина да се подобри социјалниот статус на вработените и додаде дека отворено треба да се разговара за сите прашања.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 13:51