Интернист и невролог се професииите за кои делчевските лекари треба допрва да специјализираат за да се надмине проблемот со недостиг на ваков кадар во делчевскиот Здравствен дом.
Како што вели директорот на делчевскиот Здравствен дом Марија Глигоровска, ако во скоро време специјализанти не заминат на специјализација, тогаш за многу краток период во Делчево ќе се појави недостигот од ваквиот профил на лекари. Пропустот од минатото, како што вели Глигоровска може да се надмине само доколку до јануари лекарите заминат на специјализација со цел делчевскиот и околните помали здравствени домови да не останат без интернист и невролог.
- Моментално во Здравствениот дом во Делчево имаме доволен број на специјалисти речиси од сите специјалности кои ни се регистрирани како дејност во ЈЗУ „Гоце Делчев“ – Делчево. Имаме тројца интернисти, специјалист по ОРЛ, специјалист за очни болести, имаме рентгенолози и во Каменица и во Делчево, имаме школска медицина, психијатар, невролог. Се соочуваме со друг проблем како последица од минатото, заради тоа што не се пратени на време специјалисти, иако имаме тројца специјализанти, еден на рентген, еден на очно и еден на вон болничка педијатрија. Здравствениот дом во Делчево беше добро опремен и се уште е опремен со специјалисти, меѓутоа, возраста на специјалистите е проблематична и затоа ако не пратиме интернист оваа година ќе останеме без таков лекар. Проблемот се јавува, бидејки на лекарите им се покачи времето за специјализација, интерно е сега шест години, а нашите интернисти кои се сега на работа се околу 60 години, така да ќе имаме проблем после неколку години за интернист, не само ние, туку и целиот регион Делчево, Берово, Пехчево и Каменица исто така ќе имаме проблем со невролог, истакна директорката Глигоровска.
Радува фактот што во ЈЗУ “Гоце Делчев” веќе има специјализанти по офтамологија и рентген, лекари кои за две односно три години би се вратиле во установата.
-Оваа година имавме состанок со министерот и во план ставивме интернист и невролог, поради тоа што населението ни е старо и повеќе ни е потребна таа специјалност, а од друга страна имаме вонболничка педијатрија и лекар кој ќе се врати за две години и е влезено во програмата интерно и невролог, така да се надевам дека најдоцна до јануари 2019 година ќе пратиме на специјализација доктор. Објавен е и конкурс за прием на двајца доктори во Делчево и Македонска Каменица каде веќе имаме пријавени доктори кои се надевам дека успешно ќе ги примиме и ќе имаме можност да ги пратиме на специјализации, додава Глигоровска.
Според директорот во Делчево и Каменица здравствениот дом добро е снабден со сестри и со доктори и во тој сегмент состојбата со медицински кадар задоволува.
-Тоа е така можеби поради договорот со Министерството за здравство со кој медицинските сестри кои во минатото сакаа да останат во државно здравство, останаа, така да за разлика од другите здравствени домови, иако старосната граница е висока, сега за сега имаме доволен број медицински сестри, вели директорката на делчевскиот здравствен дом.
Трендот за заминување во странство е присутен и во Делчево, па така според Глигоровска тоа е една од главните причини да не можат да се најдат доволен број на возачи.
- Имаме недостиг од возачи и хигиеничари за кои тешко се добива дозвола, но успеавме дел да вработиме. Знаете трендот на одење во странство е и кај нас присутен, така да двајца возачи не напуштија, еден отиде во пензија, хигиеничари ни одат во пензија, така да имаме потреба за возачи за кои имаме дозвола за вработување и мислам дека тоа ќе го решиме и во Делчево и Македонска Каменица. Кога сме кај вработувањето во делот на администрација, таму најмалку се вработуваше во последните години, меѓутоа имаме дозвола и за економист и за правник, кои што се неопходни за еден поголем здравствен дом како нашиот. Инаку во ЈЗУ „“ во Делчево во делот на администрација има 85 вработени.
Како што истакнува Глигоровска, секоја година по основ на одење во пензија и странство и други основи здравствениот дом го напуштаат пет до 10 работници, но за среќа како што вели директорката вклучувајки ја и Итната медицинска помош во Делчево, во Здравствениот дом во Македонска Каменица се уште има доволен број на медицински и технички персонал.
Со новите мерки кои од септември ги најавија од Министерството за здравство при што преку распишување оглас ќе се решава проблемот со недостиг од лекари специјалисти, се отстранува и стравот Делчево и останатите помали здравствени станици од Истокот да не останат без интернист и неворолог.