Индустриското производство во јули во однос на јули лани бележи раст од 8,4 проценти, а за периодот јануари-јули годинава во однос на тој период лани растот изнесува 5,5 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење на камен во јули 2018 година, во однос на јули 2017 година, бележи опаѓање од 11,5 отсто, во секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 12,5 отсто, а во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 6,3 отсто.

Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: производство на прехранбени производи, производство на тутунски производи, производство на текстил, производство на облека, производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи, производство на метали, производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспомeнати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2018 година, во однос на јули 2017 година, бележи пораст кај интермедијарните производи, освен енергија за 16,1 отсто, капиталните производи за 25,3 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 26,7 отсто, додека опаѓање бележи кај енергијата за 9,2 отсто и нетрајните производи за широка потрошувачка за 1,8 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 15:53