Италијанскиот новинар Томазо Де Бенедети познат по лажните вести предизвика хаос во грчките медиуми и грчката јавност откако преку лажен Твитер профил под името на новата министерка за култура соопшти дека почина познатиот грчко – француски режисер Костас Гаврас.

- Итно! Сега од Париз ја добив веста за смртта на грчкиот филмски режисер и продуцент Костас Гаврас. Наскоро и официјално ќе биде објавено, напиша новата министерка за култура и спорт на Грција, Мирсини Зорба на Твитер профилот на кој стои дека е и официјален.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, овој статус експресно се прошири во грчките електронски медиуми. Порталите објавија вонредна вест дека режисерот починал на 85 годишна возраст.

Дваесет минути подоцна и нов статус од „министерката“ дека станува збор за лажен профил креиран од италијанскиот новинар Томазо Де Бенедети.

Во меѓувреме, за неговата „смрт“, видно расположен, режисерот говореше за грчката телевизија ЕРТ. Рече дека за веста дознал од негова колешка која му се јавила да провери.

Министерката за култура на Грција, Мирсини Зорба, чие име беше злоупотребено за објавување на лажната вест, за грчката новинска агенција АНА-МПА рече дека Твитер профилот не бил нејзин и веќе пријавила во секторот за борба со електронски криминал на грчката полиција.

„Профилот“ на министерката повеќе не постои на Твитер.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/08/2018 17:18