Министерството за економија предлага да се зголемат тарифите што треба да ги плаќаат концесионерите на рудниците за искористување на просторот и експлоатација на рудата.
Како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, концесионерите за ваквиот предлог се информирани, но допрва ќе се утврдува колкаво ќе биде зголемувањето.
- Како министер сум за да ги зголемиме овие тарифи. Убеден сум дека надоместоците по оваа основа треба да се сменат и тие средства да се наменат за проекти за подобрување на животната средина, здравството и образованието, рече Бектеши пред официјалното отворање на фабриката „Чагатај Кабло“ во индустриската зона „Бунарџик“.
Тој информира дека веќе им е дадено задолжение на службите во Министерството да почнат со подготовка на измените на тарифникот.