Министерот за економија Крешник Бектеши денеска им врачи плакети на 12 најдобри рудари, номинирани од нивните работодавачи, и благодарници на шест здруженија и институции за посебен придонес во рударството во Република Македонија.

Оваа манифестацијата ја организира Минстерството за економија по 11-ти пат по повод Денот на рударите-28 август.

Бектеши нагласи дека Македонија има големо и непроценливо богатство од минерални суровини и затоа, како што рече, особено значајно ни е оваа гранка да се развива и да обезбеди економски раст за државата. Додаде дека во овој сектор, како и придружните што го опслужуваат има над 10 илјади вработени.

- Гледано по сектори, рударството и вадењето на камен учествува со 8,31 отсто во вкупното индустриско производство во државата. Затоа овој сектор е еден од водечките сектори од индустриското производство и е од големо значење за македонската економија, рече Бектеши.

Министерот за економија подвлече дека Владата ќе стори се што е во нејзина моќ да обезбеди рационално и одржливо експлоатирање на рудните богатства од инвеститорите во рудниците, а истовремено да се обрне максимално внимание на зачувувањето на животната средина и социјалната благосостојба на околното население. Најави дека Владата ќе ги продолжи планираните активности во секторот минерални суровини и ќе се залага за подобрен Закон за минерални суровини.

Претседателот на Македонската асоцијација за рударство Николајчо Николов изрази сочувство до семејствата на загинатите рудари и нивните колективи во Крива Паланка и во Скопје кои се случија непосредно пред Денот на рударите. Тоа, како што рече, претставува уште една опомена дека многу треба да внимаваме на рударите и на рударските семејства.

Николов смета дека Закон за минерални суровини е еден од најчесто менуваните закони во Македонија.

- Тој има место за надополнување, но не по скратена постапка туку со длабоки анализи на сите стручњаци од овој сектор, рече Николов. Додаде дека донесувањето на измените и дополнувањата на овој закон во Собранието се селективни и неприменливи.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2018 13:23