Подобрување на безбедноста на децата во сообраќајот и на сообраќајното поведениe на учесниците во сообраќајот е целта на новата кампања на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) што ќе се реализира во наредниот период.

Мотото и пораката на РСБСП во оваа кампање е „Секоја грешка и секое незнаење имаат своја цена, но незнаењето и грешките во сообраќајот чинат загубени човечки животи. Крајно време е, сите ние како заедница и секој поединечно, да го преземеме својот дел од одговорноста и да го дадеме својот придонес за поголема безбедност на децата во сообраќајот.“

Традиционално со почетокот на секоја учебна година, РСБСП реализира сообраќајно-превентивни активности за помалку настрадани деца во сообраќајот.

Во 2015 година девет деца на возраст до четири години го загубиле животот во сообраќајни незгоди и 13 деца на возраст од пет до 18 години. Во 2016 пет деца на возраст до 14 години и девет деца на возраст од 15 до 19 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди. Во 2017 пак четири деца на возраст до 14 години и 14 деца на возраст од 15 до 19 години го загубиле животот во сообраќајни незгоди.

- Тоа значи дека за период од само три до четири години Република Македонија губи цел еден клас деца што е ненадоместлива загуба за семејствата и за општеството во целина, се вели во соопштението од РСБСП.

Во рамки на кампањата за поголема безбедност на децата во сообраќајот ќе бидат реализирани едукативни предавања и јавни сообраќајно-едукативни настани во училиштата и градинките, предвидена е изработка и дистрибуција на сообраќајно-едукативни материјали со креативна содржина, едукација преку јавните и социјалните медиуми... Во соработка со Триглав Осигурување ќе бидат обезбедени флуоресцентни елеци за поголема видливост на децата - учениците во сообраќајот.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2018 14:03