Патот до корекција на границите меѓу Србија и Косово е поплочен со опасности и им дава самодоверба и поддршка на оние кои сакаат да ја разбијат БиХ, изјави за Радио Слободна Европа британскиот политичар Педи Ешдаун, поранешен висок претставник во БиХ.

Ешдаун е убеден дека решението за односите меѓу Србија и Косово не може да се бара преку уништување на основните принципи на ЕУ за мултиетничките заедници, а не, како што тој ги нарекува, „моноетнички џебови" кои би се создале на Балканот.

Федерика Могерини е таа која ја поддржува оваа идеја во рамките на ЕУ, смета Ешдаун, кој е убеден дека рускиот претседател Владимир Путин најмногу ќе биде задоволен од реализација на корекција на границите, а потоа би ја применил на украинската криза.

„Овдека не се работи на воспоставување на преседан, туку за територијална размена, но кој и да го познава Балканот, како што мислам дека го знаеме, совршено добро знае дека тоа ќе им даде самодоверба и поддршка на оние кои сакаат да ја разбијат БиХ“, изјави Ешдаун.

Тој како пример ја посочи Македонија каде наскоро ќе се одржи многу важен референдум за нејзината иднина и можноста која би се отворила за нејзин влез во ЕУ.

„Јас немам дилема, меѓутоа, доколку Прешево се приклучи на Косово, тогаш Албанците во Тетово и Гостивар може да кажат дека и тие сакаат да се приклучат на Косово. Сето ова би ги поткопало досегашните напори во интеграцијата на Западен Балкан“, истакна Ешдаун.

Ешдаун, заедно со уште двајца поранешни европски претставници во БиХ, Карл Билт и Кристијан Шварц-Шилинг, потпишаа отворено писмо испратено до високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, по повод предлогот за промена на границата помеѓу Србија и Косово.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/08/2018 14:31