Американскиот политиколог Џорџ Фридман, основач на агенцијата Стратфор, оцени дека САД ќе ја бранат Европа само во оние земји каде што тоа ќе им служи на нивните интереси.
- Трансатлантските врски ги ослабеа Европејците кога сакаа да го претворат НАТО во дебатен клуб. Гледано од американски агол, тие ја предадоа Алијансата, со тоа што го занемаруваа одржувањето на нивните воени капацитети. Затоа Америка сега ќе ги брани само оние европски земји кои се важни за нејзините интереси, изјави тој за полски медиум.
- Сакаме да ја запреме Русија, а за тоа се неопходни Полска и Романија, рече Фридман во интервју објавено во денешниот број на „Жечпосполита“.
Фридман изјави дека, како што за САД за време на Студената војна им беше важна само Германија, сега тоа ќе бидат Полска и Романија, а веќе не е во прашање НАТО, туку билатерални воени договори.
- Прашање е само како ќе се однесува Германија во тој момент. Дали ќе дозволи трансфер на американски трупи низ својата територија или ќе има такви блиски односи со Русија, и нема да го дозволи тоа, вели американскиот политиколог.
Фридман, сепак, ја отфрли идејата за пренесување американски војници од Германија во Полска.
- Војската никогаш не се разместува веднаш зад линијата на фронтот, каде што е изложена на непријателот и уништување. Попрво се држи така во случај на потреба може да тргне напреда. За војската не е важно колку американски војници се сега во Полска, туку колку може да се пренесат во неа во рок од неколку недели, рече Фридман.
Полските официјални претставници ова лето одбија американските војници од Германија да се пренесат во Полска и побараа посебно засилено американско воено присуство за Полска, било преку билатерални договори, било во рамките на НАТО.