Заврши летниот турнир во шах во организација на Шаховскиот клуб „Каменица-Саса“. Турнирот во текот на изминатите 17 дена се играше според швајцарски систем на натпреварувања, а епитетот првак во машка сениорска конкуренција го понесе Лазо Стаменковски.

Стаменковски кој е и претседател на клубот беше победник и на последниот турнир одигран пред 25 години.

- Задоволство е да се биде повторно победник на шаховскиот турнир кој по 25 години повторно се организираше во нашиот град. Честитки до сите кои со своето учество придонесоа шахот повторно да се врати во Македонска Каменица, рече Стаменковски.

Второто место на турнирот го освои Стојче Милошевски, а третото место им припадна на Ферчо Ивановски и Славе Ивановски. Во женска сениорска конкуренција најуспешна беше Славка Димитровска, втора Валентина Васевска, додека третото место го освои Лилјана Павлова.

Како што истакнаа од општината, организирањето вакви и слични настани имаат за цел, шаховската игра да им се приближи на најмладите преку вклучување и имплементирање на шахот во училишните часови како факултативна настава за учениците од училиштата.

- Повторното враќање на шахот како игра во Македонска Каменица е идеја на група ентузијасти, вљубеници во шаховската игра, кои за краток период успеаа да го организираат и одиграат овој шаховски турнир, кој се надеваме, како Општина дека ќе прерасне во убава традиција, а воедно и ќе успееме да го популаризираме меѓу помладата популација, рече градоначалничката на Македонска Каменица Соња Стаменкова.

Шаховскиот турнир се реализираше под покровителство на општина Македонска Каменица и Рудникот САСА.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2018 15:29