САД, Франција, Британија и Италија денеска го осудија насилството што изби во либискиот главен град Триполи, и предупредија дека постои опасност оваа северноафриканска држава да потоне во уште поголема нестабилност. Најмалку 30 лица беа убиени во пресметките во либиската метропола во изминатите денови, а стотина беа ранети.

- Овие обиди да се ослабне легитимната либиска власт и да се попречат политичките процеси се неприфатливи. Ги повикуваме вооружените групи веднаш да ги запрат сите воени активности и ги предупредуваме тие што ја поткопуваат стабилноста, како во Триполи, така и во други делови на Либија, дека ги сметаме за одговорни, пишува во заедничкото соопштение на четирите држави.

Либиските власти мораа да го затворат аеродромот во Триполи откако вчера кон него беа истрелани ракети. Либискиот премиер Фајес ал Сараџ, кој е меѓународно признат, на почетокот на неделава информираше дека 7-ата бригада распоредено југоисточно од главниот град, веќе не е дел од либиските вооружени сили и е расформирана, и притоа повика засилувања во главниот град. Како одговор, офицери и припадници на расформираната бригада нападнаа делови на Триполи.

Либија е зафатена од бранови насилство од 2011 година, кога Британија, Франција и САД воено интервенираа во земјата да им помогнат на бунтовниците против водачот Моамер ел Гадафи. Гадафи беше соборен и брутално ликвидиран, но ниту една групација не успеа да формира стабилна власт во Либија, а земјата стана и една од главните бази за насочување на африканската миграција кон Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2018 15:54