За 2019 година преку ЕУ договоривме 15 милиони евра поддршка на македонското земјоделство. Со 3,5 милони евра од нив ќе се градат нови системи за наводнување, а со 4,5 милиони евра фабрика за третирање отпад од угинати животни, рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски на денешната средба со производителите Стајковци и Црешево.
Со влегувањето во Европската унија (ЕУ), истакна Николовски, македонските земјоделци ќе ги добиваат субвенциите директно од ЕУ. Вкупно 400 милијарди евра се предвидени во буџетот на ЕУ за 2014-2020 година за развојот на земјоделството.
- Членството во НАТО и во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, подобар производ и за пласман со подобри цени, модерно и одржливо земјоделство, повеќе вработувања во руралните средини и поттикнување на економскиот раст, потенцира министерот.
Потсети и дека само оваа година преку ИПАРД 2 Програмата, Европската комисија и додели на Македонија над 12 милиона евра за инвестиции во земјоделските стопанства, преработувачките капацитети, руралните средини, за развој на нови и постоечки бизниси, како и за рурална јавна инфраструктура.
Во разговорот со производителите од двете скопски села каде преовладува градинарството, тој ги слушна нивните предлози за унапредување на земјоделството.
- Градинарството е важна извозна гранка, која има голем придонес во вкупниот извоз на земјоделски производи. Токму затоа, во годинашната Програма за финансиска поддршка за оние производители кои имаат од 0,7 до 5,0 хектари субвенциите се зголемени за 20 отсто и овие корисници ќе добијат 36.000 денари по хектар, истакна Николовски.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, за македонските земјоделци и за жителите од руралните подрачја, вклучувајќи го и Стајковци, најважен е влезот на Македонија во ЕУ и НАТО.