Со завршна приредба на учесницте на Попова Шапка заврши „Летната школа за српски јазик и култура“ (Летња школа српског језика и културе) што изминатава недела од понеделник до денеска ја организираше Здружението на Срби и Македонци КУД “Бранко Чајка” од Тетово, информираше претседателката на Здржението Соња Андонов.

Проектот е одобрен на конкурсот на Управата за соработка со дијаспората и Србите во регионот при Министерството за надворешни работи на Република Србија, а неговата реализација е поддржана од страна на амбасадата на Србија во Македонија.

- Целта на проектот е негување и употреба на српскиот јазик и претставување на српската уметност и култура во Македонија. Со него се опфатени ученици од 6-то до 9-то одделение од Тетово и околните населени места каде што живеат припадници на српската заедница а кои немаат друга можност да се запознаат со јазикот и културата на нивните предци. Тоа се деца од мешани бракови или припаѓаат на српската заедница по потекло. Покрај изучување на српскиот јазик учесниците преку предавања за српскиот јазик се запознаа и со значајните датуми, настани и личности од српската книжевност, историја, култура и уметност. Предавачи беа професори од српска националност кои кои живеат и работат во Македонија, изјави претседателката Андонов.

Таа најави дека до крајот на годината Здружението на Срби и Македонци КУД „Бранко Чајка“ од Тетово ќе реализира уште два проекти кои се однесуваат на негувањето на српскиот јазик и тоа „Пишуваме и создаваме на српски јазик“ (Пишемо и стварамо на српском језику) поддржан од страна на Министерството за култура и информирање на Србија и проектот „Најубави се школските денови“ (Најлепше је ѓачко доба) кое е поддржано со средства од министерството за култура на Македонија.

Со поддршка на истото Министерството, Здружението оваа година ги реализираше проектите Учество на Деновите на македонската култура во Нови Сад каде со своја програма ја претставуваше културата на Македонија во Србија како и фолклорната манифестација „Фолклорни игри под Шара“ што има мултиетнички карактер.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/09/2018 16:12