Во германскиот град Чемниц денеска се организираа спротиставени протести на националистички и про-имигрантски организации, при што голем број полицајци беа распоредени да ги држат двете толпи разделени.
По околу 4.000 демонстранти излегоа на протестите, јави новинската агенција ДПА. Во градот беснеат протести од 26 август, кога двајца мигранти, од Ирак и Сирија, убија 35-годишен Германец. Убиството предизвика масовни протести на националистичките групи како Пегида, чии припадници напаѓаа мигранти доселени во градот. Ова пак предизвика протести на про-имигрантските Антифа организации.
Денешниот националистички протест беше организиран од Пегида и партијата АфД, чии припадници извикуваа „Меркел мора да си оди“ и носеле слики од Германци убиени од мигранти во изминатиот период.
- Каде е Меркел? Патува низ Африка? Нека дојде тука, извикуваа граѓаните на национлистичкиот протест.
Левичарски групи од градот и околината организираа контра-протест пред големиот споменик на Карл Маркс во центарот на градот, по што се обидоа да го блокираат патот на националистичките демонстранти, а полицијата мораше да ги раздели двете групи користејќи солзавец.
- Кој е жртвата? Ја експлоатираат неговата смрт велејќи дека Германец бил убиен, но тој беше анти-фашист, а луѓето надвор од Чемниц не го знаат тоа, изјави една учесничка на левичарскиот протест, за Даниел Хилиг, кој бил убиен од страна на двајцата мигранти.
Нови протести се закажани за в понеделник.