Со средства во висина од 4 милиони денари обезбедени од Министерството без ресор во Берово и Делчево се реализираат неколку значајни проекти за подобрување на инфраструктурата во овие две општини. Како што истакна министерот без ресор, Аксел Ахмедовски, кој во текот на овој викенд е во посета на Пијанечко-Малешевскиот регион, средствата за реализација на инфраструктурните проекти се обезбедени преку посебни ставки на Министерството за транспорт и врски. - Во Берово се распределени средства во висина од 2 милиони и 300 илјади денари, за реконструкција на две улици во Ромското маало. Таму градежните активности се во тек и наскоро се очекува истите да завршат. Во Делчево при крај е реконструкцијата на улицата Илинденска која се гради со средства во износ од 1.700.000 денари, вели Ахмедовски. Според информациите на министерот се бараат начини и средства до крајот на годината во Делчево да се продолжи со изградбата на уште неколку улици. - Во план сме да реконструираме повеќе улици во стариот дел на Делчево со изградба на потпорни ѕидови и поголем број на мали улици, така што во текот на наредниот период можеби и до крајот на оваа година ќе се фокусираме на изнаоѓање средства за реализација на овие проекти, информираше Ахмедовски. Делчево и Берово се дел од 9 општини кои добија средства од Министерството без ресор. Како што истакнуваат од министерството, средствата кои се во висина ид 20 милиони денари претежно се доделени за реализација на инфраструктурни проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2018 12:53