Ирачкото Министерство за надворешни работи денеска го демантираше тврдењето на новинската агенција Ројтерс дека Ирак му дозволил на Иран да распореди балистички проектили со краток дострел во територии населени со ирачки шиити.

- Ирак нема обврска да одговара на медиумски извештаи кои се без никакви докази и со непоткрепени тврдења. Сите институции во Ирак го почитуваат членот 7 од Уставот кој забранува употреба на ирачката територија за операции кои претставуваат закана за други држави, соопшти ирачкото Министерство.

Владата на Ирак, во која доминантна улога имаат шиитските партии, негува блиски односи со соседен Иран, од каде доби значителна поддршка за справување со сунитската Исламска Држава. Според тврдењето на Ројтерс, Иран распоредил десетина балистички проектили во Ирак, при што овие ракети, доколку бидат распоредени во јужните или западните делови на земјата, би можеле да ги погодат Ријад или Ерусалим. Иран војува со сунитските држави во регионот, пред се со Саудиска Арабија, на повеќе фронтови, вклучително во Сирија и Јемен. Проектили им биле доставени на групи блиски до Иран, а тие наводно добиле инструкции како и самите да изработат балистички проектили.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изрази длабока загриженост поради наводното распоредување на овие проектили. Тој ги повика ирачките водачи да ја сменат сегашната Влада бргу по изборите закажани за 12 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2018 13:40