Американскиот генерал Скот Милер ја презеде командата со НАТО силите во Авганистан.

- За да бидеме успешни, мораме постојано да учиме и да се прилагодуваме на непријателот и на околината, посочи Милер, кој е поранешен командант на американските специјални единици.

Тој на церемонијата на примопредавање на должноста истакна дека „нема време за одржување на статус кво и оти НАТО не може да си дозволи да биде задоволен од моменталната ситуација“.

САД ја преиспитуваат својата стратегија со која сакаат да ги принудат талибанците на преговори, со цел да се стави крај на долгогодишниот конфликт. Вашингтон веќе една година се обидува да го зголеми притисокот врз талибанците со интензивирани воздушни напади и испраќање на илјадници нови трупи кои ги советуваат и тренираат авганистанските безбедносни сили. Но, тоа се уште не дава резултати.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/09/2018 22:50