Почна учебната година за 1.159 првоодделенци на подрачје на општина Куманово. Оваа бројка на запишани ученици е на исто ниво како и претходните години. Во некои училишта како што се „Магдалена Антова“ и „Кочо Рацин“ има запишани ученици за уште по една дополнителна паралелка, додека во основните училишта „Вук Караџиќ“ и „Толи Зордумис“ продолжува повеќегодишниот тренд на запишување помал број ученици, информираа од секторот за образование на општина Куманово.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска присуствуваше на свечената приредба во основното училиште „Крсте Мисирков“ по повод приемот на првачињата. Тој им посака успех и на учениците и на вклучените во образованиот процес.

- Верувам дека низ процесот на образованието ќе не направат горди сите нас, рече Димитриевски.

Општина Куманово, додаде во континуитет вложува во инфраструктурата во училиштата, но, нагласи дека за суштински вложувања потребна е и фискална децентрализација. Градоначалникот потсети дека со поддршка на Владата изградени се две спортски сали во основно и средно училиште.

Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриевски рече дека менаџерските тимови на кумановските училишта редовно ги подмируваат обврските за електрична енергија, гас, превоз, комунална хигиена и нема проблеми по однос на исплаќањето на обврските што за училиштата изнесуваат 1,8 милиони евра.

Според него, најзначајно е да се подобрат елементарните услови во училиштата, истакнувајќи дека се потребни вложувања во инфраструктура во училиштата во селото Студена Бара и во населбата „Иго Тричковиќ“.

Раководителот на секторот за образование, Жика Крстевски истакна дека се е подготвено за успешен почеток на учебната година за околу 16.000 ученици од кои 10.500 во основното и 5.500 во средното образование. Бројката на запишаните ученици е скоро идентична со минатогодишната.

- Се надеваме дека ќе има реформи со кои ќе се надминат евидентираните слабости, рече Крстевски.

Директорот на училиштето „Крсте Мисирков“, Александар Јовановиќ им честиташе на учениците и истакна дека ова училиште за неколку месеци ќе одбележи 70 години од постоењето.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 13:02