Во сите основни училишта и во гимназијата во општина Гевгелија денеска почна новата учебна година со подобрени услови за следење на наставата и престој на учениците кои беа овозможени главно со средства од доделените дотации на училиштата, соопштија од службата за информирање на општина Гевгелија.

Зафатите во сите училишта, како што посочуваат од општината, се реализирани со над 400.000 денари од кои 180.000 денари биле потрошени за оградување на централната зграда на основното училиште „Климент Охридски“ во Миравци и за молерисување на подрачните училишта во Смоквица, Милетково и Давидово.

Повеќе зафати за санација на училишниот простор и подобрување на условите за настава беа направени во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Гевгелија. Таму беше извршена целосна внатрешна и надворешна изолација од влага на кабинетот за ликовно образование, училницата за целодневен престој и на канцеларијата за техничкиот персонал. Покрај ова подобрени се условите во спортската сала, заменет е подот на првиот кат и санирано е надворешното спортско игралиште со вкупно 120.000 денари.

Во основното училиште „Ристо Шуклев“ во Негорци биле потрошени околу 70.000 денари за молерисување и фарбање на 10 училници и за изградба на ново игралиште во подрачното училиште во Кованец, а во гевгелиската гимназија со 40.000 денари била направена реконструкција на училниците и тоалетите во угостителскиот дел на училишниот објект.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2018 13:05