На првиот ден од новата учебна година во гостиварската општина во училишните клупи седнаа близу десет илјади ученици. Годинава во прво одделение се запишаа 613 дечиња, а во четирите средни училишта во прва година 680.
Од локалната самоуправа потврдија дека немало потешкотии околу стартот на учебната година и покрај реакциите на неколку директори за проблеми околу долгови и вработувања на нови наставници. Сите објекти имаат редовно снабдување со електрична енергија. Две образовни институции, гимназијата и ОУ „Исмаил Ќемали“ учебната година ја започнаа со блокирани жиро сметки поради долгови.
Бројките на запишани ученици се очекува да се зголемат деновиве, бидејќи во две средни училишта има уште еден дополнителен рок.
Според проценките од општинскиот Сектор за образование годинава настава на три наставни јазици: македонски, албански и турски на училиште тргнаа 6.600 основци и 3.050 средношколци.
На подрачјето на општина Гостивар има четири средни училишта, 11 централни основни училишта и 20 подрачни.