Инфраструктурата е основа за развој на една земја. Во наредните три години земјите од Западен Балкан треба да работат на развој на индустријата, зголемување на извозот и реализација на инфраструктурни проекти, бидејќи само тоа може да даде резултати и да го зајакне приватниот сектор, порача претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески по средбата со косовскиот колега Берат Рукичи на излезот на веќе завршениот дел од автопатот Приштина-Скопје во близина на косовското село Доанај кај Качаник.
Тој посочи дека нивното присуство денеска на терен треба да биде патоказ каде треба да се наоѓаат раководствата на стопанските комори.
- Нивното место е во фирмите и инфраструктурните објекти, односно таму каде што се создаваат услови за подобар бизнис, а се помалку во фотелјите, бидејќи тој начин на работа досега не даде добри резултати, рече Азески.
Нагласи дека изградбата на автопатот до границата со Македонија ќе придонесе двојно да се подобри економската соработка меѓу двете земји во наредните пет години и вети дека ќе се заложи кај македонската Влада да се скрати рокот за реализација на делот од автопатот во нашата земја, зашто, како што рече, е нужно потребен за стопанството, но и за граѓаните.
- Им порачуваме на политичките елити од Западен Балкан да ги забрзаат процесите на интеграција, бидејќи бизнисот нема време да ги чека. После 30 години конечно сфативме дека регионалната соработка е основ на нашиот напредок. Токму ЕУ е создадена на база на регионите, функционира и ќе се развива на база на регионите. Затоа не е логично да имаме послаба соработка во регионот отколку што имаме со земји кои се илјадници километри одалечени од нас, рече Азески и додаде дека за развојот на регионот е неопходна реализација на инфраструктурни проекти, развој на индустријата и зголемување на извозот.
На владите од регионот им порача да ја поддржат индустријата, инфраструктурата и извозот, бидејќи, како што рече, не може да опстанат со 70-отстотно учество на услугите во креирањето на БДП.
Претседателот на Стопанската комора на Косово, Рукичи посочи дека приватниот сектор напредува многу побрзо од политиката и додаде дека високите политики, како што се референдумот во Македонија и дијалогот меѓу Косово и Србија, претставуваат пречка стопанството да биде меѓу приоритетите на земјите од регионот.
- Ниту еден политички процес не треба да смета на стопанскиот развој. Им порачуваме на нашите влади, но и на владите од регионот на Западен Балкан дека се потребни многу поголеми инвестиции во инфраструктурата. Токму инфраструктурата е причината што денеска сме тука, рече Рукичи.
Тој нагласи дека Владата на Косово направи одлична работа во областа на инфраструктурата и додаде дека е при крај работата на автопатот кон Скопје и се очекува да биде завршен до крајот на годината.
- Тоа отвора нови можности и хоризонти за соработка меѓу двете земји кои немаат никакви економски бариери. Мораме повеќе да сториме во насока на зголемување на инвестициите и взаемната инфраструктура. Апелирам и македонската Влада што побрзо да ја заврши делницата на нејзината територија, посочи Рукичи.
Покренавме и заедничка регионална инцијатива, потенцира, која има за цел забрзување на интеграциските процеси преку Коморскиот инвестициски форум (КИФ).
- Целта на КИФ е зголемување на взаемната стопанска соработка меѓу земјите од Западен Балкан што ќе го направи овој дел од Европа поатрактивен за инвестиции и ќе создаде услови што побрзо да се интегрира во стопанството на ЕУ, прецизира Рукичи.