Македонија идната година ќе воспостави „one stop shop“ и со Албанија, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Целта е, како што рече Бектеши, зголемување на трговската соработка меѓу двете земји.
- Македонија е целосно посветена на зголемување на соработката со државите од регионот, на основање заедничка економска зона со што ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании, изјави министерот пред почетокот на јавната расправа во Стопанската комора на Македонија за придобивките на македонската економија од членството во НАТО и ЕУ.
Пред два дена, премиерот Зоран Заев и српскиот претседател Александар Вучиќ на средбата на граничниот премин Табановце/Прешево најавија дека ќе почне реализацијата на проектот „one stop shop“ кој се очекува да го скрати времето на царинење и гранични контроли.