По првпат во Македонија денеска се потпишани договори за финансиска поддршка за отворање на три бизнис- акцелератори за млади.
Договорите беа потпишани меѓу директорот на Фондот за иновации Јован Деспотовски и претставници од трите компании, а на чинот на потпишување присуствуваа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Светска банка за Македонија и за Косово, Марко Мантованели.
За оваа намена се инвестираат 1,45 милиони евра со поддршка на Светска банка, а се очекува дополнителни 550 илјади евра да обезбедат трите акцелератори со кои се потпишани договорите.
Денешното потпишување на договорите, според премиерот Заев, покажува дека сигурно чекориме кон достигнување на европските стандарди за работа и создавањето реални бизнис можности за младите да градат иднина дома.
- Овие три бизнис акцелератори во периодот од три години со оваа финансиска можност ќе овозможат финасиска поддршка на 100 старт ап компании. Во рамки на бизнис аскцелераторите, младите претприемачи и иноватори ќе ја имаат целосната поддршка, менторство и сите потребни услови за развој на нивните бизнис планови и иновации, рече Заев.
Оцени дека економските резултати во првата половина од годинава се одлични и оти во споредба со лани за трипати се зголемени странските директни инвестиции кои сега изнесуваат 327 милиони евра, забележан е раст од 8,4 проценти на индустриското производство и пораст од 7,2 проценти на бројот на работници.
- Овие позитивни индикатори покажуваат дека се враќа довербата во инвеститорите во нашата економија пред се заради издржаните економски политики и решителните политички чекори - напред за членство на земјата во ЕУ и НАТО, рече Заев.
Вицепремиерот Анѓушев ги повика младите да ја искористат оваа шанса што им се нуди за развој на нивните иновативни и креативни идеи. - Им препорачувам на младите да ја искористат оваа шанса и во рамките на акцелераторите да аплицираат за да формираат своја фирма бидејќи не само што ќе бидат поддржани финансиски и со опрема и простор, туку и со знаење. Зграпчете ја оваа можност и сонувајте го сонот, рече Анѓушев.
Според статистиката, изминатата година во светски рамки повеќе од 200 милиони американски долари се вложени во старт ап компании преку повеќе од 550 акцелераторски програми. Менторска или финансиска поддршка добиле повеќе од 11 илјади старт ап компании.