Шест домашни компании „Еуросолид“, „Астибо фешн груп“, „Кули“, „Метас“ и „Албатрос“ ќе ги презентираат инвестициските потенцијали во македонската текстилна индустрија на Саемот за облека што се одржува од 4 до 6 септември во Минхен.

Учеството на Саемот го организира Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.

- Македонија има големи потенцијали во текстилната индустрија кои треба да ги презентираме пред странските инвеститори. Согласно нашиот План за активности и на предлог на бизнис заедницата, го организираме претставувањето на Македонија како дестинација за инвестиции во текстилната индустрија, но помагаме и за поврзување на бизнисите, со што отвораме можности за нови инвестиции и нови вработувања, вели директорот на Агенцијата, Вулнет Адеми.

Истовремено во Минхен се одржува и Саемот за набавка на материјали и модни додатоци каде македонските компании ќе имаат можност да ги запознаат новите услуги, производствените методи и комплетните решенија во производство на текстил и облека.

Двете саемски манифестации нудат компатибилни содржини и овозможуваат ексклузивен пристап до текстилните материјали и синхронизирана понуда на производствени модели, поедноставувајќи ја логистиката на набавки во текстилната индустрија.

На саемот во Минхен ќе се претстават околу 200 меѓународни компании од текстилната и модната индустрија со портфолија на производи и производствени услуги кои се однесуваат на висок квалитет на производство и целосен пакет услуги.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 16:51