Под површината на релативната смиреност на Западен Балкан во текот на изминатата деценија, етничките тензии и националистичката страст продолжуваат да се јавуваат. Во последните месеци од 2018 година, мирот во регионот ќе биде ставен на тест, имајќи ги предвид преговорите меѓу Србија и Косово, кои работат на нормализирање на нивниот однос, а особено поради контроверзната идеја за размена на територија, која би можела да има дестабилизирачки ефекти во регионот. Во меѓувреме, референдумот за официјално менување на името на Македонија во обид да се стави крај на долготрајниот спор со Грција, може да ги разгори националистичките чувства, како и политичките опозиции во двете земји, наведува американскиот центар за стратешки анализи Стратфор .

Септември ќе биде месец полн со настани во Македонија, која прави обид да ги нормализира односите со своите соседи - задача што мора да ја заврши за да се приклучи на меѓународни организации како што се Европската унија и НАТО. Кон крајот на 2017 година, Македонија потпиша договор за пријателство со Бугарија, ставајќи крај на годините на дипломатски несогласувања. Потоа, на почетокот на 2018 година, Македонија постигна договор со Грција: Се согласи да организира референдум за промена на своето име од Република Македонија, за кое Грција тврди дека е дел од нејзиното културно наследство, во Република Северна Македонија. Атина со години го користеше спорот за името како изговор за ставање вето за влез на Македонија во НАТО и во Европската унија, се наведува во денешната анализа на Стратфор.

Македонските гласачи ќе одлучуваат за предлогот за името на 30 септември. И покрај тоа што анкетите на јавното мислење покажуваат дека повеќето Македонци сакаат нивната земја да влезе во Европската унија и НАТО, тие, исто така укажуваат на поделба околу промената на името. Политичката опозиција, предводена од националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ, се противи на преименувањето и размислува дали да води кампања против промената или целосно да го бојкотира референдумот, истовремено охрабрувајќи ги гласачите да не учествуваат на изјаснувањето. За референдумот да биде валиден, најмалку 50 проценти од сите регистрирани гласачи мора да учествуваат. Неколку граѓански организации и невладини организации веќе одлучија да го бојкотираат гласањето, наведува американскиот Центар.

САД и Европската унија изразија поддршка за референдумот и ги охрабруваат македонските гласачи да учествуваат. Во меѓувреме, Македонија ја обвини Русија дека се обидува да го поткопа договорот со Грција, со тоа што поддржува националистички групи кои се противат на тоа. Грчката влада упати слични обвинувања, и на почетокот на јули Атина протера двајца руски дипломати, тврдејќи дека Москва се меша во внатрешните работи на земјата.

Во очекување на гласањето, демонстрации и акти на саботажа против референдумот може да ја разнишаат македонската стабилност. На пример, во јуни 2018 година, протестите на националистичките групи против договорот за името со Грција станаа насилни и доведоа до апсење на десетици демонстранти. Со приближувањето на гласањето, може да се појават повеќе инциденти на политичко мотивирано насилство. И ако референдумот помине, протестите и социјалните немири би можеле да продолжат и по гласањето. За да се спроведе промена на името, Парламентот ќе мора да го промени македонскиот Устав, процес кој нуди уште еден катализатор за големи антивладини протести. Протестите првенствено би биле насочени кон централно-левичарската влада, но исто така би можеле да добијат и етничка димензија. Етничките Албанци (најголемата малцинска група во Македонија) се посклони кон промена на името отколку етничките Македонци, наведува Стратфор.

Прашањето може да предизвика социјални немири и политички турбуленции и во Грција. Договорот за името со Македонија треба да биде ратификуван во грчкиот парламент. Со оглед на поделбата меѓу Грците што ја предизвикува тоа прашање, Владата ќе почека да завршат обврските на Македонија пред да направат какви било чекори, и најверојатно ќе гласаат за ратификација на почетокот на 2019 година. Ратификација не само што би можела да предизвика антивладини протести, особено во северна Грција, туку може да доведе и до политичка криза. Партијата Сириза, која го поддржува договорот со Македонија и партијата „Независни Грци“, која се противи на тоа, се партнери во грчката владејачка коалиција. „Независни Грци“ соопшти дека ќе ја напушти владата ако Сириза инсистира да го ратификува договорот за името, потег што би можел да предизвика предвремени избори. Поделбата во Владата нема да се покаже премногу разорна, бидејќи Грција, во секој случај, мора да одржи општи избори до крајот на 2019 година.

Стратфор, во анализата, се осврнува и на спорот меѓу Белград и Приштина.

Следниот круг од долготрајните разговори меѓу Србија и Косово треба да почнат на 7 септември. Србија не ја признава независноста на Косово, но, по барање на Европската унија, е дел од разговорите за нормализирање на односите со отцепената република, потсетува американскиот Центар.

Разговорите, ќе опфатат и една тема, која може да предизвика голема вознемиреност. Во последниве неколку недели, српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот косовски колега, Хашим Тачи, посочија дека билатералниот договор би можел да вклучи можна „корекција на границите", при што некоја територија во Србија ќе биде отстапена на Косово и обратно. Лидерите не наведоа кои територии би биле вклучени во таков договор, но се верува дека станува збор за отстапување на северно Косово, каде што етничките Срби се мнозинство, а за возврат, Белград на Приштина да и ја даде контролата врз Прешевската Долина, каде што етничките Албанци се мнозинство, се посочува во анализата.

Опозициските партии и политичари од двете страни го осудија предлогот, за кој постои стравување дека може да ги охрабри етничките националисти на Балканот, каде поделбите што поттикнаа деструктивни конфликти во 1990-тите и 2000-тите години се уште се длабоки. Дури и ако се постигне договор, комплексните логистички, политички, економски и етнички прашања ќе ја направат тешка имплементацијата на секоја голема размена на територии меѓу Србија и Косово. И предлогот веќе наиде на отпор кај двете страни. Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, категорично изјави дека Белград нема да ја отстапи контролата над Прешевската долина, додека косовскиот премиер Рамуш Харадинај ги критикуваше изјавите на Тачи во прилог на корекција на границата.

Противниците на размена на територии се загрижени дека ако размената добие доволно поддршка за да биде вклучена во финалниот договор, може да инспирира слични редефинирање на други граници во регионот. На пример, Република Српска, каде Србите се доминантно население и еден од автономните ентитети кои ја сочинуваат Босна и Херцеговина, може да бара независност или нејзина анексија од страна на Србија, развој што би можел да доведе до колапс на земјата. Во исто време, етничките Албанци, како на пример, во Македонија, исто така би можеле да бараат самоопределување или да им се дозволи да се приклучат на Албанија, наведува Стратфор.

Европската унија реагираше на идејата за размена на територии со претпазливост. На крајот од август, Јоханес Хан, комесар за соседска политика и проширување на ЕУ сугерираше дека Брисел би можел да прифати договор меѓу Србија и Косово, но предупреди дека „тоа не треба да служи како план за други прашања", што најверојатно се однесуваше на Босна . Германската канцеларка Ангела Меркел, пак, експлицитно ја отфрли идејата, нарекувајќи го територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан „неприкосновен". Во меѓувреме, американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон, рече дека Белата куќа би можела да прифати билатерална размена на територии меѓу Србија и Косово, додека Русија најави дека ќе биде од страната на Србија во преговорите со Косово.

На крајот, Стратфор заклучува дека и покрај напорите на соседите да дојдат до меѓусебен договор, сепак, многу од прикриените проблеми во Западен Балкан продолжуваат да се појавуваат на површина, и многу делови од регионот остануваат подложни на социјални немири и етнички мотивирано насилство. Во услови на таква состојба, дури и преговорите што се наменети за решавање на тековните спорови го носат ризикот од предизвикување нови конфликти.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 16:52