Кристијано Роналдо заработува речиси три пати повеќе пари во однос на вториот најплатен играч во Серија „А“ - Гонзало Игуаин.
Португалецот пристигна во Италија во ова лето по трансфер од европскиот клупски шампион Реал Мадрид во Јувентус за 117 милиони евра.
Во последните месеци од неговиот престој во Мадрид, Роналдо беше незадоволен од непотпишувањето на нов договор, во кој требаше да фигурираат значително подобри услови за играчот. Една од најпозитивните нешта за 5-кратниот освојувач на „Златната топка“ при преминувањето во Торино се токму парите.
Според „Тутоспорт“, Роналдо е најплатениот фудбалер во италијанската фудбалска елита. Тој заработува 31 милиони евра годишно за четиригодишен договор со „Старата Дама“. Тоа се минимум 124 милиони евра при извршување на целиот договор, а тука не влегуваат бонусите или подобрувањето на условите на договорот меѓу клубот и играчот во некоја од наредните четири години.
На тој начин, Кристијано може да се пофали дека заработува речиси три пати повеќе од вториот најплатен играч во Серија „А“ - Гонзало Игуаин, кој ова лето премина од Јувенутс во Милан под наем со опција за откупување. Во моментов аргентинскиот напаѓач заработува по 9,5 милиони евра годишно на „Сан Сиро“. Трет на листата е друг „гаучос“ - Пауло Дибала, кој е со плата од 7 милиони евра.
Не е тајна дека Јувентус дава најсериозни плати во целиот италијански шампионат. „Бјанконерите“ плаќаат речиси 219 милиони евра годишно, додека на пример Милан им дава вкупно 140 милиони евра на своите играчи. За споредба, тимот со најнизок буџет во локалната елита - Емполи, плаќа вкупно 16 милиони евра годишно за плати.